Критика на идеологијата и на идеолошкото сфаќање на марксизмот
од Љубомир Цуцуловски
петок, 13 ноември 2009
Непосреден повод да се јавам за збор е дел од излагањето на другарот Шарко Меѓедовиќ од Сараево. Наспроти на неговата апологија – или, како што самиот рече, дека на идеологијата на работничката класа мора да ѝ се врати нејзиното достоинство – јас со своите размислувања повеќе ќе одам по линијата на критика на идеологијата и на идеолошкото сфаќање на марксизмот, бидејќи сум длабоко убеден дека основната причина за аверзијата кон марксизмот, како и неуспехот на марксистичкото образование воопшто, е во нивното преобразување во посебна идеологија, при што сосема сеедно е дали марксизмот ќе го прикажеме како идеологија на работничката класа или не. Во што е, со други зборови, проблемот? Проблемот е, според мене, во следново: може ли марксизмот, марксистички промислуван, себе си да се мисли, што значи самиот себе да се сфати, како идеологија? Тврдам дека не може. Причините за тоа се бројни. Во оваа пригода ќе наведам само две причини.
Првата причина е следнава: Маркс, заедно со Енгелс, напиша поприлично дебела книга, која претставува критика на идеологијата, и тоа не на одредена идеологија, туку критика на идеологијата воопшто. Значи, критика на самата идеологија. Таа книга, настаната во периодот помеѓу 1845 и 1846 година, е книгата Германска идеологија. Се разбира, ние можеме да одиме наспроти на Маркс и наспроти на неговото определување на идеологијата. Меѓутоа, како што веќе реков, проблемот е во тоа дали Маркс може самиот себе да се мисли (сфати) како идеолог. Втората, пак, причина е во следнаво: според Маркс, за нешто да може да биде третирано како идеологија, тоа нешто мора да исполнува барем два услова. Прво, таа свест – мислам на идеолошката – мора да биде парцијална свест. Што значи, таа свест мора да претставува свест на само еден дел, на само еден слој од општеството, а не на општествениот тоталитет, на општествената целина. Затоа, идеологијата никогаш не може да го опфати тоталитетот, целината на општеството, сеедно колку и да стреми кон тоа. Второ, идеологијата секогаш е лажна свест. Нејзината лажност не е на гносеолошки план; или не е, пред сè, на тој план. Нејзината лажност е во немоќта да ја сфати својата општествено-историска втемеленост. Мене ми се чини дека на Маркс му била јасна втемеленоста на неговата мисла. Мислам дека и нам ни е јасна општествената втемеленост на нашата свест, на нашата теорија. Ако е така, тогаш е сосема проблематично марксизмот да се сведе на идеологија, бидејќи и ме може да се сфати како идеологија. Толку во врска со репликата упатена до другарот Меѓедовиќ.
Сега би кажал нешто околу она што другарот Иван Шибер го покрена во својата дискусија. Мислам дека со право го постави прашањето дали сме ние движење за нешто или сме движење против нешто? И, аналогно на тоа, се поставува прашањето дали нашето марксистичко образование треба да ги оспособува луѓето да се борат против нешто или тоа треба да биде борба за остварување на нешто. Ќе направам мала дигресија. Во една пригода Џорџ Орвел го одредил социјализмот како борба на ограбените против ограбувачите. Ова може некому да звучи доста атрактивно, доста привлечно. Но тоа, сепак, е само една негативна дефиниција на социјализмот, а тоа, секако, не е доволно во определувањето на социјализмот, бидејќи социјализмот не е овде да биде против нешто, туку постои, претпоставувам, да оствари одредени содржини, одредени интенции, одредени надежи на човекот. Токму во таа смисла, сметам дека смислата на марксизмот и на марксистичкото образование е во тоа да пружат одредени содржини, одредени знаења, а не да се исцрпат борејќи се против нешто. Од своја страна, неспорно е дека секое образование за нешто е, наедно, и образование за надминување на тоа нешто и дека, во таа смисла, претставува и борба против тоа нешто.
Честопати сме сведоци на појавата да се говори дека ако на работничката класа (или на обичниот човек, сеедно) ѝ понудиме добри вредности, добра иднина и слично на тоа, дека таа ќе тргне по нас. Мислам дека овој пристап претставува сосема пресфртено сфаќање за односот помеѓу класата – се разбира, работничката класа – и нејзината партија, бидејќи, ако подобро размислиме, ќе сфатиме дека не е класата овде заради нас, заради партијата, туку дека партијата е заради класата. Според тоа, ако некој по некого треба да појде, тогаш тоа е партијата. Нашиот Сојуз на комунисти е тој кој мора да оди по југословенската работничка класа. Затоа, наместо одредувањето на Сојузот на комунистите како авангарда на работничката класа, јас би ја поставил работничката класа како авангарда. На тој начин, би добиле не авангарда на класата, туку партија на авангардата. Тоа значи дека класата треба да се преобрази во субјект, во она што оди, што се движи, што постојано се менува, а партијата сето тоа го следи, го артикулира и, конечно, го извршува.
Посебен впечаток ми остави тезата (всушност, констатацијата), која вчера ја слушнавме, а која денес е повторена во дискусијата. Вчера еден другар своето излагање го започна со идејата дека потребата за марксизмот е сè поголема и поголема, макар што интересирањето за него е сè помало и помало. Оваа теза е идентична (барем според својата логика) на следново: потребата за храна е сè поголема и поголема, макар што на луѓето сè помалку и помалку им се јаде. Притоа, мене не ми е значајно да ја откривам внатрешната противречност на оваа теза, макар што и за неа може да се говори. Мене повеќе ме интересира нејзината скриена логика, за која сметам дека е доста опасна, бидејќи, во својата суштина, таа е многу репресивна. Според таа логика произлегува следново: има да јадеш, сеедно што не ти се јаде, бидејќи треба (така некој вели) да јадеш, т.е. има да слушаш марксизам и покрај отсуството на интерес да слушаш марксизам. Резултатот на оваа логика, на овој необичен пристап, може да биде само одбивност кон марксизмот.
Наедно, скриената логика на споменатава теза инсистира на идејата за внесување на свеста на пролетаријатот однадвор, бидејќи пролетаријатот (наводно) не е способен самиот да ја изгради својата свест, да дојде до свеста за себе и за својата историска улога. А тоа е така, затоа што пролетаријатот (сугерира оваа теза) секогаш останува заробеник на своите непосредни економски интереси. Според тоа, крајниот теориски резултат би бил само извесен економизам, но никако изградување на револуционерно-трансцендирачка свест. Мислам дека вчера другарката Соња Локар со право се спротивстави на оваа теза за внесување на свеста на пролетаријатот однадвор. Оваа теза, меѓутоа, не е теза на некој анонимен автор. Нејзин автор е, за жал, Владимир Илич Ленин. Меѓутоа, од тој факт таа воопшто не го губи својот репресивен карактер.
Понатаму, оваа теза потсетува на една идилично-христијанска слика на која, од една страна, стојат некои свети апостоли кои, говорејќи на некој свој свет јазик, ги изговараат кристално јасните вистини и, од друга страна, стои масата – или класата, сеедно – која со подзинати муцки ги слуша тие вистини и, се разбира, ги прима во готов облик, онакви како што првите им ги соопштуваат. Мислам дека сме премногу обземени со значењето на воспитувачите и воспитувањето, верувајќи дека клучот за решавањето на многу наши проблеми е токму во сферата на образованието и воспитувањето. Притоа, забораваме дека и самиот воспитувач треба да биде воспитуван и дека, на тој начин, го подвојуваме оштеството на два дела од кои едниот е издигнат над другиот. А тој дел кој е поставен над општеството, тоа сме ние, некакви вопспитувачи кои сега треба само да им ја дадеме, во чиста форма, вистината на луѓето. Тоа е она против кое Маркс се бореше во својата трета теза за Фоербах. Оваа наивна вера дека сè може да се реши преку образованието и преку воспитувањето оди дури дотаму што денес во дискусијата можевме да слушнеме и став дека нашата иднина ќе зависела од тоа какви луѓе ќе сме воспитале. Лично, оваа теза не можам да ја прифатам, особено изречена во вака радикален облик, бидејќи нашата иднина, сепак, пред сè ќе зависи од тоа каква стварност ќе изградиме. На крајот, свеста и воспитувањето не се дадени самите по себе, туку тие се според животот, бидејќи свеста секогаш е битно практична свест. Таа секогаш е свест на едно искуство, на една пракса – таа е свест на самото живеење. Од своја страна, тоа значи дека не може да се има социјалистичка свест, а да не се живее социјалистички. Доколку тоа се случи, доколку се случи социјалистички да мислиме, а животот и понатаму да не нѝ биде социјалистички, доколку, значи, мислата останува само мисла, а животот само живот, доколку меѓу себе се безнадежно раздвоени, тогаш добиваме општествена шизофренија.
Ljubomir Cuculovski: „Kritika ideologije i ideološkog shvatanja marksizma“. Текстот е објавен во зборникот Idejno-teorijski rad i borba Saveza komunista u velikim gradovima, Skopje, 1986, str. 183-185. Текстот претставува авторизирана дискусија на општојугословенското советување, кое беше гломазно насловено Идејно-теоретската работа и борбата на СК и улогата и задачите на марксистичките центри во големите градови и индустриски центри, одржано во Скопје 1986 година, во периодот помеѓу 20 и 21 март
Filed Under: теорија
Tags: идеологија, историја, полемика
Comments (1)
Зоран Василески
November 14th, 2009 at 17:04
Најпрво недвосмислено да ја изразам мојата почит кон проф. Љубомир Цуцуловски. Редовно ги читав неговите колумни во неделникот Фокус пред да се заинтересирам да земам и некое негово дело. Ја кристам приликава и да побарам од редакцијата на Нова Искра во иднина да објави и др. негови ставови и мислења. И да не должам многу… се согласувам речиси целосно со авторот, но пради мојата нескротлива желба за дебата би го потенцирал делот кој поинаку го восприемам,а тоа е идејата дека потребата за марксизмот е сè поголема и поголема, макар што интересирањето за него е сè помало и помало. Тука јас не мислам само на воспитувањето и образованието, туку мислам на марксизмот воопшто. Токму во тие години (1986), години на разнишаност на социјалистичкиот поредок, потребата од марксизмот била се поголема во реалното спроведување. Потребен бил марксизам во полн капацитет. Непомирливите разлики помеѓу воспитувањето и образованието од една страна, и политичкото раководење на елитите на власт од друга страна. довело до одбивност кон самата марксистичка идеологија, нешто за што марксизмот воопшто не е винивен, туку неговите спроведувачи- опуртунисти, профитери и кариеристи. И општо во светот, марксизмот си заработи неизбришлива црна дамка поради водачите кои застрануваа се повеќе и повеќе од него и го користеа само за задржување на власта и за безпотребна репресија врз народот. Што е пак со нас- новите сили кои ја креваме главата, го креваме гласот против капитализмот како општествено уредување на угнетување на народот. Ние сме исправени пред можеби најтешка задача. Да се реанимира идеологија која беше извалкана од предходниот поредок и да се претстави како спасителна- тоа е дефинитивно претешка задача. Колку и да сме убедливи во нашите теоретски и космополитски залагања- праксата од минатиот век не е на наша страна. Единствено на наша страна ке биде самиот наш класен непријател и неговата се поголема суровост. Во луѓето треба да се разбуди духот, себепочитувањето и компарацијата. Ју-носталгијата не ја сваќам како носталгија по Тито. Ја сваќам како просто расудување во кој систем човекот повеке е е навистина човек. Ју носталијата со новите генерации целосно ке избледи. Но страста за социјална правда и еднаквост секогаш ке тлее зошто таа лежи длабоко во самиот човек и кога тогаш ке се распламти излезе од него во облик на бунт. Тука нема да се сложам со негативниот став изразен во текстот погоре за внесување на свеста на пролетаријатот однадвор. Да, тоа е нужно, но не репресивно, туку внимателно, инспиративно и мотивирачки…
Leave a reply