Од каде доаѓа Први Мај?

од Роза Луксембург
петок, 30 април 2010

Живата идеја за користење пролетерско празнување како средство за постигнување осумчасовен работен ден за првпат е родена во Австралија. Работниците таму во 1856 година одлучија заеднички да организираат потполен прекин на работата со средби и прослава како протест за да добијат осумчасовен работен ден. За ден на оваа прослава беше определен 21 април. Најпрвин австралиските работници имаа намера ова да се случи само во 1856 година, но оваа првична прослава имаше толку силен ефект на пролетерските маси во Австралија, заживувајќи ги и проширувајќи го движењето, што беше одлучено да се повторува секоја година.

Всушност, што би можело да им даде на работниците поголема храброст и верба во нивните сопствени сили отколку масовен прекин на работата за кој одлучиле тие самите? Што може да им даде повеќе храброст на робовите во фабриките и работилниците отколку постројувањето на нивните сопствени трупи? Оттука идејата на пролетерска прослава беше бргу прифатена и, од Австралија, почна да се шири и во другите земји се додека конечно не го освои целиот пролетерски свет.

Први кои го следеа примерот на австралиските работници беа Американците. Во 1886 година тие одлучија 1 Мај да биде ден на универзален прекин на работата. На овој ден 200.000 од нив ги напуштија нивните работни места и бараа одумчасовен работен ден. Подоцна, полицијата и законските малтретирања ги спречиле работниците да организираат демонстрации со толкави размери. И покрај тоа во 1888 година тие ја обновија својата одлука и одлучија следната прослава да биде на 1 Мај 1890 година.

Во меѓувреме работничкото движење во Европа се засили и се анимираше. Ова движење најсилно дојде до израз на Меѓународниот работнички конгрес во 1889 година. На овој конгрес, со присуство на 400 делегати, беше одлучено постигнувањето на осумчасовен работен ден да биде прво барање. Таму делегатот од француските синдикати, работникот Лавињ од Бордо, посочи дека ова барање мора да биде истакнато во сите земји преку општ прекин на работата. Делегатот на американските работници повика да се одлучи за поддршка на штрајкот на 1 Мај 1890 година, и конгресот одлучи овој датум да биде општа пролетерска прослава.

Во овој случај, како и триесет години пред тоа во Австралија, работниците мислеа само на еднократни демонстрации. Конгресот одлучи работниците од сите земји да демонстрираат заедно за осумчасовен работен ден на 1 Мај 1890 година. Никој не зборуваше за повторување на празникот наредните години. Природно, никој не можеше да го предвиди молскавичниот пат по кој оваа идеја успеа и колку брзо беше прифатена од работничката класа. Како и да е, беше доволно да се прослави само еден Први Мај за сите да сфатат и да почувствуваат дека тоа мора да биде постојан обичај секоја година. (…)

Први Мај бараше воведување на осумчасовен работен ден. Но дури и по постигнувањето на оваа цел, не се откажавме од Први Мај. Се додека борбата на работниците против буржоазијата и владејачката класа продолжува, се додека сите барања не бидат остварени, секоја година Први Мај ќе биде израз на овие барања. И, кога ќе осамнат подобри денови, кога работничката класа на светот ќе го избори своето ослободување тогаш и човештвото ќе го прославува Први Мај во чест на горката борба и многуте страдања во минатото.

преведено од: What Are the Origins od May Day?
текстот е првпат објавен на полски јазик во списанието Sprawa Rabotnicza во 1894 година
превод од англиски: Ивица Антески

Filed Under: историја

Comments

No Comments

Leave a reply

Name *

Mail *

Website