Факелот на борбата се пренесува на Први Мај
од Алек Атевиќ
сабота, 1 мај 2010
Први Мај е наш празник. Денес, факелот на борбата за подобар живот мора да го преземеме и да изградиме армија за победи.
Милиони мажи и жени од Австрија, Јужна Африка, Канада, Јапонија, од сите страни на светот, со протести го одбележуваат денот на солидарноста меѓу работниците, меѓународниот Ден на трудот. На овие маршеви се нагласува барањето за работничките права, за подобрување на општествените услови и, неизбежно, потребата од промени на капитализмот. Веењето на црвените знамиња е резултат на традицијата на борбеност која ја одржуваат локалните, националните, работнички организации (синдикатите, трејд јуниони, и работничките партии), но и стварноста на живеење која не принудува да ја манифестираме нашата болка јавно, пред сите и со другите како нас. Први Мај е празник на работниците затоа што сфатиле дека само во солидарна акција успеале да го подобрат својот живот.
Офанзивна борба
Буржоазијата изјавува дека кризата е помината и дека економијата заздравува. Работниците не мислат така затоа што се сведоци на невработеност која никогаш не ја виделе во својот живот. Сфаќаат дека не можат лесно да обезбедат дом за своето семејство, жените не можат да бидат добри домаќинки, ако не придонесуваат финансиски, и покрај тоа што се уште се робови во кујната и во куќата. Се потешко е да се образува детето. И малите деца знаат дека моќните држави го спасија капитализмот, со пумпање во банките со астрономски количества пари од заедничката државна каса, и дека тие пари мора да се вратат еден ден. Методите на враќање на парите е познат: намалување на работничките права со цел полесно отпуштање на вработените, кратење на платите и социјалните бенефити, намалување на инвестиции во здравството и образованието, па и мерка како што е зголемување на старосната граница за одењето во пензија. Во тие услови се дочекува овој Први Мај.
Работничкото движење во светот реагира соодветно, некаде побавно, некаде поскриено и поскромно, но сигурно е дека промените се во насока на офанзивна борба. Синдикатите се подготвени за интервенција поради огромниот притисок на своите членови. Политичките партии, чија традиционална база е работничка, а лидерите се предавници на идеите на социјализмот, поделбата на лево и десно крило ја манифестираат пожестоко отколку кога и да е во поновата историја.
Криза на македонскиот синдикализам
Така е во светски рамки, а работничкото движење во Македонија не е исклучок. По падот на тн. социјалистички земји, работниците и во Македонија беа поразени и приморани да се покорат на реставрацијата на капитализмот. При овој процес, јасно насочен против работниците, настрада и целата надструктура градена од работниците: синдикатот, масовната работничка партија и марксизмот, како теориска водилка во практичната борба.
Синдикалната борба е првото орудие на работникот, без кое тој е како студент без тетратка за белешки, како електричар без универзален инструмент, како дом без порта, без брава за заштита од арамии. Мора да бидеме членови на синдикатот во својата организација, а ако немаме синдикат да формираме. Без тоа, празни се обидите за подобрување на состојбата. Индивидуалните договори се најсилна мерка на експлоатација. Ако се надеваме на улижување на газдите и нивна милостиња, ние го добиваме односот газда-татко и работник-непослушно дете кој треба да биде секогаш послушен на својот газда. Барањето за зголемување на платата, подобрување на работните услови и слично, во услови на лични преговори, е практично неостварливо. Колективните договори, издвојувани со синдикални преговори, се голем чекор напред.
Една од причините за намалување на улогата на синдикалното движење во општеството, ако не и најсилна, е партиското односно политичкото влијание. Партиите преку механизми на идеолошко дејство, и во последно време, зачестени директни грубијански упади во синдикалните организации, му ја одземаат силата на синдикатот – синдикатот како предводник на работниците. Зад синдикатот не стои работничка партија, туку отворено анти-работничка политичка платформа во вид на ВМРО-ДМПНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА итн. Непрепознавањето на непријателот скапо ги чинеше сите синдикати. Синдикатите се бедни без своето оружје – членови со работничка политичка свесност. Работничка партија е нужна за успешно организирање и артикулирање на гласот на работниците.
Марксизмот како орудие
Ако синдикатот е првото орудие на работникот за својата слобода, тогаш марксизмот е торбата каде се чуваат сите орудија, подредени и организирани. Многумина мајстори немаат такви торби, затоа што се скапи или затоа што не го совладале добро занаетот. Секој синдикалец знае многу повеќе за работничките штрајкови, за преговарањето и договарањето, за притисоците при тие околности, но нема таков „чист“ синикалец кој знае за Париската комуна и проблемите на работниците при оваа работничка борба, или предносите на советите во Октомвриската револуција во 1917. Без Марксовата критика на капитализмот, работничката партија не може да ги согледа противречностите и да се подготви за успешна револуција.
Македонската стварност налага самата себе да се смени. Двигател на тие промени може да биде само работничката класа како еманципирана класа. Но патот од илјада милји, почнува со еден чекор. Да почнеме од тебе. Факелот на борбата е тука. Со нас.
Filed Under: настани
Comments
No Comments
Leave a reply